На 15 јануари 2011 година, слободната енциклопедија Википедија ќе прослави 10 години постоење. Основана од Џими Велс во 2001, Википедија денес е петта најпосетена веб-страна во светот, со 410 милиони читатели месечно (comScore, ноември 2010). Денес, со над 17 милиони статии на 270 јазици (бројот постојано расте), Википедија е единствената топ 10 веб-страна во светот која е вистински создадена, поддржана и оддржувана од корисниците. За време на последните 10 години, стотици илјади луѓе придонесоа со повеќе од една милијарда уредувања за овој витален ресурс.

Википедија е од нас, за нас. Затоа, по повод 10 години Википедија, доброволци од целиот свет, на повеќе од 310 градови, на сите 5 континенти, го прославуваат 10-тиот роденден на Википедија. 10 години Википедија ќе се прославува и на Интернет: на Facebook, со организирање на видео конференции на 7 места, мрежни комуникации со посредство на Skype, IRC и QQ, на Twitter со користење на тарабна ознака #wp10 и #wikipedia10.

И во Скопје, главниот град на Македонија, во организација на Викимедија Македонија, поддржана од повеќе организации, групи и поединци, ќе се одржуваат повеќе настани да се одбележи овој исклучителен јубилеј, од кои најголемиот дел ќе се одржат во Старата скопска чаршија, срцето на градот и многувековен амалгам на различни култури и религии.

Главниот настан ќе се одржи во кафе-барот Ла Кања, каде по средбата на вики-заедницата на Македонија, ќе се одржат неколку презентации, и секако, роденденска журка со диџеи на Канал 103.

Доколку сакате, но не е задолжително, може да се додадете на списокот на посетители пополнувајќи го овој формулар, со што ќе ни помогнете подобро да го организираме овој настан.

Може да се пријавите за учество на настанот и на Facebook. Македонскиот настан може да го следите на тарабната ознака #wiki10mk

Настанот е отворен за сите.

Програма

Датум Час Опис Место Организатор
15.01 11:00 - 12:00 Гостување на Викимедија Македонија во отворена радио емисија. Канал 103 Канал 103
15.01 18:00 - 19:30 Вики-средба на членови на локалната вики заедница, други активности. Ла Кања, Стара чаршија Македонска вики-заедница
15.01 20:00 - 21:30 Презентации на: Ла Кања, Стара чаршија Викимедија Македонија
15.01 21:30 - Вечерна забава со диџеи на Канал 103 (Danse Macabre и Марсо) Ла Кања, Стара чаршија Викимедија Македонија
20.01 09:00 - 10:00 Презентација на Викимедија Македонија Универзитет за Туризам и Менаџмент - Скопје Викимедија Македонија, httpool Online Advertising
26.01 20:30 - 22:30 Документарен филм "Вистината според Википедија" (The Truth According To Wikipedia) + дебата Галерија 7 Викимедија Македонија, Compressor
27.01 18:00 - 19:00 Презентација на Викимедија Македонија Факултет за електротехника и информациски технологии Викимедија Македонија, httpool Online Advertising
дд.02 Презентација на Викимедија Македонија, работилници на неколку факултети Економски факултет, УКИМ Викимедија Македонија, httpool Online Advertising

Централниот настан е организиран од доброволците на Викимедија Македонија, со поддршка од Слободен Софтвер Македонија, Compressor, иницијативата TEDxSkopje, кафе-барот Ла Кања и други лица. Настанот е медиумски поддржан од: IT.com.mk и Канал 103. Во текот на целиот настан, посетителите ќе можат слободно да подигнат книги од едицијата Блог-записи, на издавачката куќа Аквариус 5.

Канал 103

На 15 јануари 2011 година претставници на Викимедија Македонија ќе учествуваат во отворена радио емисија на Канал 103. Ќе се разговара за различни прашања поврзани со Википедија и Викимедија Македонија, со фокус на настаните околу 10-тиот роденден на Википедија.

Овде може да поставите прашање на кое би сакале да одговорат претставниците на Викимедија Македонија.

Ла Кања

Вики средба

Почеток: 18 часот.

На 15 јануари 2011 година ќе се одржи првата вики-средба за 2011 година на уредници на Википедија.

Средбата ќе се одржи во Ла Кања во старата скопска чаршија. Поканети се сите заинтересирани за присуство на средбата. На настанот ќе се разменат личните искуства на википедијанците.

Презентации

Презентациите по повод 10-годишнината ќе бидат наменети за целата публика, без разлика на нивното ниво на технички познавања за Википедија. Целта на презентациите е да информираат и да инспираат понатамошно ширење на Википедија и слободното знаење, а посетителите да увидат дека идејата за слободно знаење и култура е жива и активна во Македонија.

Видео-обраќање на Џими Велс

Почеток: 20 часот.

Емитување на видео-обраќањето на Џими Велс по повод 10-тиот роденден на Википедија. Обраќање на претседателот на Викимедија Македонија, Димче Грозданоски.

Што е Википедија?

Почеток: 20:10.

Презентација на Кирил Симеоновски за запознавање на посетителите со основите на Википедија, начинот како таа функционира, Википедија на македонски јазик, итн. Кратка сесија за прашања.

2с.мк

Почеток: 20:30.

Новица Наков од Слободен софтвер Македонија за ширењето на хакерскиот дух: Каде е пресекот помеѓу слободната култура, слободниот софтвер и хакирањето? Локални и глобални перспективи.

Добровечер,
Денес сум овде, како претставник на Слободен софтвер Македонија, да зборувам на темата „Ширење на хакерскиот дух“. Само имам мал проблем. Јас не верувам во духови. Но, мошне наивно, верувам во луѓе.
Кога барав инспирација за овој говор не очекував дека таа ќе дојде од офлајн светот. Сепак пред неколку денови Уставниот суд на Р. Македонија го стави вон сила правилникот на УКИМ за регистрирање домејни и со тоа за прв пат го сврте вниманието на македонските интернетџии кон еден хакер од пишаната ера.
Господинот Стамен Филипов, кого патем треба да го поканиме на TEDx оваа година, во духот на најелегантната дефиниција за хакерството, проучува системи кои другите, сите ние или барем повеќето од нас, ги земаат здраво за готово. А правниот систем на една држава важно прашање, па макар и таа држава била Р. Македонија.
Се разбира, хакер е збор што најчесто се поврзува со компјутерскиот свет. Ако сте дел од медиумите, тогаш во него ќе ја препознаете мрачната страна на општеството: луѓе кои крадат пари од банкомати или деца кои поставуваат вируси на интернет. Но, ако, како некои од нас овде, го користите тој збор за да се идентификувате себе си или да ја опишете својата работа, тогаш мора да смислите паметен начин како да го објасните тоа.
Хакирањето е нешто што во модерната култура доаѓа преку компјутерската сцена, но не е нужно поврзано со компјутерите. Хакирањето не е прашање за тоа што правите - значи можете да работите на компјутер, а сепак да не хакирате, туку е прашање на тоа како и зошто правите - значи може да бидете хакер со компјутер, пенкало или нож - ако готвењето е вашиот фах.
Денес хакирањето го наоѓа својот пат назад на универзитетите како академски предмет длабоко поврзан со компјутерската наука. А токму на универзитетите, оние во Соединетите држави, сѐ започна пред околу половина век.
Еден од хаковите што е тесно поврзан со Википедија, а е од пресудно значење за организацијата од која јас доаѓам, потекнува од универзитетска средина. Ричард Сталман, човекот кој имавме прилика да го видиме во Скопје летоска, во времето кога бил истражувач на MIT го хакнал американскиот Закон за авторски права и ја создал Општата јавна лиценца. Со тоа тој отвори простор за развивање на слободен софтвер и негова трајна заштита.
Ова е еден од најумните хакови. Сталман го искористил Законот за авторски права на начин на кој никому не му текнало до тогаш, го свртел наопаку, како што ни велат постарите „со свој камен по глава“. Ова е хак што не вклучува технологија или компјутери, но сепак има незаменливо значење за развојот на речиси сите алатки што денес ги користиме, а на прво место светската мрежа - интернет.
Најголем дел од сервисите, страниците и апликациите на интернет денес, дури и они најпроблематичните како Facebook, работат со или на слободен софтвер. Останува можеби засекогаш неодговорено прашањето каква ќе беше мрежата без слободниот софтвер.
Веројатно сите веќе знаат што е слободен софтвер. Тоа е софтверот што нема огранучувања на употребата, што може да се копира, менува и редистрибуира. Доаѓа во пакување на повеќе познати брендови, како Mozilla Firefox или Ubuntu, кои можеби се полесни за препознавање. Знаете дека на секој софтвер му е потребна и документација, а на слободниот му треба слободна документација. Со оваа мисла се водел Сталман кога ја напишал Лиценцата за слободна документација - FDL која заедно со wiki софтверот што е слободен имаше и сѐ уште има пресудна улога во создавањето на денешната најголема енциклопедија Википедија.
Википедија денес е дел од широкото поле на дела со назнака слободна култура. Помогнати со уште некои правни инструменти, како лиценците од Creative Commons, денес луѓето на интернет создаваат, творат, ремиксуваат, со други зборови, го прават она што вообичаено го прават и им овозможуваат на другите да се придружат.
Во воведната реченица на својот говор на TED, Џими Велс го цитира уредникот на Британика кој во далечната 1962 година изјавил дека модерната енциклопедија треба да биде радикална. Википедија очигледно е таква. Таа е енциклопедија ставена наглавечки. Таа е резултат на неземањето на пишувањето енциклопедија здраво за готово. Таа е врвен хак.
Како што свртевме цел круг низ историјата на слободниот софтвер и слободната култура, еден заклучок се наметнува, барем за мене. Хакерите прават важни работи за општествата во кои живеат. Ова не значи дека никој друг не прави. Но како што веќе реков, хакирањето е повеќе прашање на „како или зошто“ отколку на „што“.
За ова ќе се свртам кон Законот на Линус. Линус е Линус Торвалдс, оргиналниот автор на кернелот Linux, уште едно парче слободен софтвер што го врти светот. Ќе бидам краток во раскажувањето на овој закон, но за сите што можеби ќе бидат заинтересирани, книгата е достапна во библиотеката во нашиот хаклаб КИКА. Носи наслов „Хакерска етика“. Авторот е Пека Химанен.
Книгата е осврт на тоа како хакерската етика се разликува од доминантната работна етика денес - протестантската етика. Под протестантска овде не се мисли на нешто поврзано со религија, иако можеби било така на почетокот, туку на економскиот и социолошки концепт за третирање на работата, онака како што ја дефинирал Макс Вебер, но да не должам, има страница на Википедија за тоа.
Значи, да избегнеме секакви забуни, сосема е можно да бидете православен, муслиман, будист или џедај, а сепак да имате протестантска етика. Наспроти неа стои хакерската етика срочена кратко и јасно во Законот на Линус.
Овој закон вели три едноставни работи. Сите човечки мотивации се групираат во три основни категории: преживување, социјален живот или друштво и забава. Претпоставувам дека сите ќе се согласат дека преживувањето е една навистина силна мотивација. Другите две се поврзани со прашањето „за што сте спремни да умрете?“
Значи, некои луѓе се спремни да умрат за своите социјални врски - да се умре за религијата или државата се некои очигледни примери. Иако е тешко дека некој би умрел за својот плејстејшн, сепак во говорот ја имаме фразата „умирам од досада“. Така луѓето би направиле нешто за да не умрат од досада.
Парите исто така се некаква мотивација, но само до определена точка. Парите не купуваат здравје, другари или забава со големо „З“ - тоа што навистина нѐ исполнува или нѐ прави среќни.
Законот на Линус зборува за тоа дека напредокот е всушност движење низ овие фази. Наједноставен пример за ова е сексот. Почнал како нужен за преживување, се проширил како дел од општествениот живот и завршил некаде во порно индустријата.
Но, зборуваме за хакери. Вообичаениот хакер, компјутерскиот хакер, не хакира за да преживее. Ако имате компјутер на масата, тогаш речиси сигурно имате и леб и ајвар. Исто така, проверено, хакерите можат да живеат само на Клуб Мате и переци. Така, ако само работите на компјутер за да донесете леб на маса не сте хакер. Станувате хакер кога тоа што го работите ќе се поврзе со социјалниот живот и забавата. Едноставно, кога компјутерот сам по себе е забава.
Вака е настанат Linux. Вака се настанати многу од работите за кои претходно зборував, без кои денешниот интернет не би бил можен. Вака всушност и јас сум денес тука за да го раскажувам ова.
Книгата на Пека има околу 250 страници и објаснува како ова не е релевантно само за компјутерџиите. Хакирањето е игриво проучување на системите што другите луѓе ги земаат здраво за готово. Значи тоа е нешто што се прави за забава, без разлика на професијата, кога другите луѓе гледаат само една црна кутија. И понекогаш, всушност често, добри и корисни работи произлегуваат од тоа.
Можеме ли да најдеме примери за ова од нашето секојдневие? Го почнав кажувањето со човекот кој го урна .mk домејнот - колку хакерски ли звучи тоа?
Можеме ли да ја тестираме неговата работа низ Законот на Линус?
Господинот Филипов секако не пишува претставки до Уставниот суд заради преживување. Како што известија повеќе медиуми, станува збор за пензионер. Значи, мора да биде некое од другите две, но ако морам да се обложам тогаш би ги ставил сите пари на ултимативна забава.
Ако Уставот на Републиката е кернелот, тогаш Стамен е човекот што за сите нас овде ги проверува сите печови што програмерите сакаат да ги протнат. Мислам дека му должиме големо благодарам, не само за работата, туку и за примерот што го дава.
Тоа е тоа што е потребно за да се биде хакер. Ако некој ви кажал дека не можете да бидете тоа со завршен Правен факултет, сега знаете дека ве лажел.
На почетокот на овој месец, уште мамурен од 27-мата конференција на компјутерскиот клуб од Германија, напишав „Отворен повик за хакери“. Овој говор нека биде дополнување. Време е нашата заедница да порасне и време е да почнеме да правиме работи кои ќе ја докажат нашата репутација и ќе ни помогнат на сите нас овде.
Се надевам дека до крајот на денов ќе пораснеме барем за еден.
Благодарам.

Фондација Метаморфозис

Почеток: 20:50. Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис за Криејтив комонс, улогата на Метаморфозис во промовирање на вики културата и претстоечкиот проект Вики.мк.

Викимедија Македонија: завршни зборови

Почеток: 21:10.

Кратка презентација на Слободан Јаќоски за Викимедија Македонија и нејзините цели. Кратка сесија за прашања до сите членови на Викимедија Македонија

Забава

Почеток: 21:30.

Делење на торта! :) Забава до доцните вечерните часови со диџеи на Канал 103 (Danse Macabre и Марсо)

Универзитет за Туризам и Менаџмент

На 20 јануари 2011, со почеток во 09:00 часот на Универзитетот за Туризам и Менаџмент - Скопје, Викимедија Македонија ќе одржи предавање за основите на слободната енциклопедија Википедија.

Настанот е во организација на Викимедија Македонија и httpool Online Advertising.

Галерија 7

Во култната скопска чајџилница, Галерија 7, на 26 јануари 2011, со почеток од 20:30 часот ќе се прикаже документарниот филм "Вистината според Википедија" (The Truth According To Wikipedia) по што ќе присустните ќе може да учествуваат во дебата за Википедија. Настанот е во организација на Compressor и Викимедија Македонија.

Факултет за електротехника и информациски технологии, УКИМ

На 27 јануари 2011, со почеток во 18:00 часот на Факултет за електротехника и информациски технологии, Викимедија Македонија ќе одржи предавање за основите на слободната енциклопедија Википедија, со акцент на Медија-вики софтверот.

Настанот е во организација на Викимедија Македонија и httpool Online Advertising.

Економскиот Факултет, УКИМ

Планиран е настан во текот на месец февруари на Економскиот Факултет во Скопје.

Настанот би бил во организација на Викимедија Македонија, httpool Online Advertising.

Медиумско покривање

  • 7 јануари, 2011. ТВ Сител, национална телевизија, прилог по повод прославата, проследен со изјава на претставници на Викимедија Македонија.
  • 11 јануари, 2011. fun.mnogoo.mk, „Десетгодишнина од постоењето на „Википедија““.
  • 12 јануари, 2011.
    • www.inpress.com.mk, „Прослава на 10-тиот роденден на Википедија во Македонија“.
    • kajgana.com, Среќен роденден Википедија
    • it.com.mk, „Википедија го слави својот 10-ти роденден, сите се поканети“.
    • Upload, „Викимедија МК роденденска журка“.
  • 13 јануари, 2011.
    • 10:00 ТВ настап во живо на Слободан Јаќоски и Кирил Симеоновски, на контактната емисија Портик, ТВ Алфа
  • 14 јануари, 2011.
    • BBC Macedonia, „Пет години македонска „Википедија““.
    • makpcworld.com, „Википедија слави роденден“.
    • Нова Македонија, „Јубилејот на Википедија ќе се слави и во Стара чаршија“
    • Утрински весник, „Викимедија со роденденска забава“.
    • Ентер, „10 години од Wikipedia и кај нас“.
    • zurnal.mk, Се менува „Википедија
    • netpress.com.mk, Википедија ја прославува првата деценија од своето постоење
    • kurir.mk, Десет години постоење на Википедија
    • tocka.com.mk, “Википедија“ ја прославува првата деценија од своето постоење
    • sitel.com.mk, „Википедија“ прославува десет години од постоењето
    • kirilica.com.mk, 10 години „Википедија“
    • vesti.alfa.mk, „Википедија“ прославува десет години од постоењето
    • me-chitash.com, 10 години „Википедија“
  • 15 јануари, 2011.
    • Канал 103. Радио емисија во живо, посветена на прославата на 10 години од Википедија, во емисијата ќе учествуваат претставници од Викимедија Македонија. Поставете прашање на кое би сакале одговор од претставниците на Викимедија Македонија.
    • vreme.com.mk, Скопје ќе слави 10. роденден на „Википедија“
    • netpress.com.mk, Скопската чаршија ќе биде домаќин на македонската вики-заедница
    • mkrevolucija.com, Вики-заедницата ќе се собере во Стара Чаршија
    • makpcworld.com, Википедија слави роденден
    • sitel.com.mk, Википедија го прославува својот 10 роденден
  • 16 јануари, 2011.
    • it.com.mk, Среќен 10-ти роденден Википедија!
    • 20:00 10:00 ТВ настап во живо на Слободан Јаќоски и Димче Грозданоски, на емисијата 24 Анализа, 24 Вести
  • 17 јануари, 2011.
    • okno.mk, Десет години Википедија
    • okno.mk, 13 факти за Википедија

Прослави на 10 години Википедија низ целиот свет

 Сите настани во Обединетото КралствоAll events in IndiaСите настани во АзијаСите настани во АфрикаСите настани во Северна АмерикаСите настани во Јужна АмерикаСите настани во ЕвропаСите настани во Австралија
Events
(Местата се дадени приближно)